Во минатите години земјите од регионот беа атрактивни за странските инвеститори поради ниските трошоци за работна сила, но со порастот на просечните плати во Србија се забележуваат првите случаи за селење на капиталот во државите со пониски плати
Странците ги селат фабриките за да заштедат на плати!
Со порастот на платите, земјите во регионот се соочуваат со можноста странските компании да ги преселат своите производствени погони во делови од светот каде што има поевтина работна сила. Србија, која пред неколку години се промовираше како поволна инвестициска дестинација, поради пониските трошоци за работниците, минатата недела се соочи со затворање на погоните на италијанската компанија „Геокс“, со што 1.200 работници од Врање останаа без работа. Економистите коментираат дали за странците е поскапо да се инвестира во Србија, во која има значително покачување на цената на трудот.
– Како што ќе растат просечната и минималната плата, ќе се соочуваме со нови проблеми, затоа што трудоинтензивните инвестиции ќе се селат кон државите со пониски плати – изјави српската премиерка Ана Брнабиќ, пренесува „Политика“.
Тања Јакоби, извршна директорка на Центарот за истражување на јавни политики, смета дека Србија сѐ уште е привлечна за компании што бараат поевтина работна сила, доколку се погледне неповолната образовна структура на граѓаните што бараат работа, а повеќето од нив се со средно училиште.
– Тие можат со два-три дена обука да бидат ангажирани за некои работни места, но тоа по дефиниција се послабо платени позиции. За физичките работи, како во градежништвото, се ангажираат и работници од странство. Но поволноста за ангажирање работници со пониски плати е повеќе во кршењето на нивните права, од ангажирање на повеќечасовно работно време и неисполнување на договорите за работа – нагласува Јакоби.
Просечната нето-плата во мај изнесуваше 65.025 динари, но 350.000 вработени се на минималец, а третина се со плати до 35.000 динари. Стапката на невработеност изнесува 9,9 отсто, а од невработените 59,3 отсто се со средно образование.
За синдикатите инвестициската политика за привлекување странски компании поради поевтиниот труд е погрешна. Просечната бруто-плата во Србија е околу 700 евра, што е пониско во однос на другите земји-конкуренти од Централна и од Источна Европа (во Романија просечната бруто-плата е 1.067 евра).
– Ние не располагаме со работници со кои би привлекле странски компании со нешто поголем степен на технолошка сложеност. Тоа е и причината зошто млади и образовани кадри ја напуштаат земјата во голем број. За нив нема работни места во Србија и тие заминуваат. Како второ, постои проблем со даночниот товар за остварените приходи и прашањето за регулирање на работничките права, а наспроти ветувањата од Владата, засега не е ништо подобрено во оваа насока – вели Јакоби за „Политика“.