Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека средбата на челниците на Косово и Србија на 29 април во Берлин едноставно претставува продолжение на заинтересираноста на Германија и Франција за Косово и регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тачи преку својата фејсбук-страница тврди дека на таа средба нема да има никаков план за предлагање на одредено решение за договор помеѓу Белград и Приштина. Тој, исто така, негира дека зад оваа средба се крие некаква тајна агенда за решавање на споровите меѓу Косово и Србија.
– Очекуваме, на крајот, оваа средба да резултира со реторичка заедничка изјава, претходно усогласена меѓу учесниците, која меѓу другото барем уште еднаш ќе ја потврди европската перспектива на нашиот регион и ќе ја нагласи неопходноста од нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија – пишува Тачи.
Според косовскиот претседател, „за Косово би било разочарување доколку Франција и Германија и на оваа средба не ги усогласат ставовите во однос на одлуката за визна либерализација“ за косовските граѓани.
– Косово останува единствената изолирана земја во Европа. Затоа, да се говори за европска перспектива на Косово, макар и само реторички, претставува повеќе од дволичност – порача Тачи.