Србија

Од денеска до 22 март во Србија ќе биде сѐ затворено, освен прехранбени продавници, аптеки и бензински, одлучи вчера Кризниот штаб за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот. Затворени ќе бидат и рестораните, кафеаните и кафулињата што се наоѓаат во скијачките центри.
Како што соопшти премиерката Ана Брнабиќ, во земјата нема да биде воведен полициски час ниту ќе има целосна забрана за движење, градинките ќе продолжат да работат, а основците ќе ја продолжат наставата онлајн.
– Треба дополнително да го забавиме животот во Србија за да видиме дека бројките на новозаразените стагнираат. Ова е пред сè поддршка на нашите здравствени работници – рече Брнабиќ.
Според неа, медицинскиот тим од Кризниот штаб барал овие мерки да се спроведуваат 14 дена, но компромисното решение било да се реализираат првично седум дена.