Министрите за надворешни работи на Србија и на Босна и Херцеговина, Ивица Дачиќ и Игор Црнадак, на денешната средба во Белград најавија дека на следниот состанок на шефовите на дипломатиите од Западен Балкан ќе побараат од нив да се изјаснат за тоа дали ќе се почитуваат принципите на регионалната соработка.
Дачиќ, на прес-конференцијата по средбата со Црнадак, нагласи дека вчерашните изјави на албанскиот премиер Еди Рама во Пеќ „ја убиле идејата за регионална соработка“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, двајцата министри ја осудија одлуката на властите во Приштина за воведување такси за стоки од Србија и БиХ, оценувајќи ја како „непријателски став“ на Косово кон овие две земји.
Дачиќ додаде дека суштината на сите собири на ниво на Западен Балкан била регионалната соработка, која го подразбира и заедничкиот економски простор.
– Дали сето ова има и понатаму поента? Србија не е подготвена да учествува во фарсата и да зборува за се друго додека овие мерки се на сила, истакна шефот на српската дипломатија.
Тој најави дека Србија и БиХ ќе дејствуваат заедно, бидејќи е нарушена една од основните слободи на ЕУ – заедничкиот економски простор и дека очекуваат од меѓународната заедница јасна конкретна реакција.
Црнадак изјави дека мерките на Приштина се неприфатливи, но дека Србија и БиХ нема да воведат контрамерки, бидејќи тоа дополнително ќе ја влоши ситуацијата.
Дачиќ и Црнадак воедно ја поздравија изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео за повлекување на таксите, додавајќи да „изјавата засега нема никаков ефект“.
Дачиќ оцени дека Европа покажала оти е лицемерна, со тоа што не сака на Косово да му даде визна либерализација, но затоа го поддржала за членство во Интерпол.