Хрватска
Во централна Хрватска повторно се регистрирани серија земјотреси, а најсилниот беше со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала. Потресот траеше околу десет секунди и предизвика дополнителна вознемиреност кај граѓаните од Петриња, кои деновите ги поминуваат под отворено небо или во оштетените објекти, како последица на силниот земјотрес пред Нова година.
– Центарот на градот е исто така опасен за живот. Ние ќе го санираме градот, но нема да можеме да ги санираме повредите и животите, па мислам дека центарот на градот треба да се евакуира поради такви опасности. Кога ќе видиме колку урнатини има сега, навистина имаме огромен проблем – рече Даринко Думбовиќ, градоначалникот на Петриња.
Во земјотресот во Хрватска се оштетени меѓу 15.000 и 20.000 куќи. Во хрватските медиуми деновиве се пренесуваат сведоштва од граѓаните чии куќи се оштетени од земјотресот во Петриња, Глина и Сисак, а кои биле обновувани во периодот по војната. Тие се револтирани од големите штети на нивните објекти за домување, за кои велат дека биле градени од неквалитетен материјал, а не биле почитувани и градежните стандарди, односно дека градежните фирми „штеделе“ на железо и на цемент. По револтот на граѓаните, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека ќе треба да се испита зошто некои куќи градени по последната војна биле неадекватно обновени, како и за тоа дали е вршен надзор и како се издавани употребните дозволи.
Под притисок на јавноста, истрага најавија министерот за градежништво Дарко Хорват и УСКОК, која од полицијата ќе побара спроведување криминалистичко истражување за обновените куќи по војната.
Според зборовите на државниот секретар на Централниот државен уред за обнова и станбено згрижување Никола Мажар, по војната во Хрватска биле обновени повеќе од 156.000 семејни куќи, а обновата траела од 1995 до 2000 година и во неа учествувале повеќе од 150 фирми.
– Сѐ е правено во согласност со Законот за обнова и Законот за градежништво. Постои документација кој бил изведувач на работите, надзор, проектант, сопственик и корисник. Постојат и одредени рокови и гаранции – изјави Мажар.
Весникот „Јутарњи лист“ пишува дека не постојат шанси да се казнат одговорните за лошата градба во подрачјето зафатено од земјотресот.
Жупанот на Вараждин, Радимир Чачиќ, вели дека последиците од корупцијата најдобро се гледаат во населбата Страшник, каде што се урнале куќи што се обновени до 1999 година. Според него, ова спаѓа во воено профитерство, а за ова дело нема застарување.