Бугарија

Во претходните летни месеци, во Бугарија имаше намалување на бројот на гостите за 30 отсто

За да се привлечат туристи, хотелите на брегот на Црно Море работат со цени, кои обично се објавуваат по 25 август или во средината на септември. Намалените цени на туристичките пакети се една од причините за забележаниот раст на туристите во август, по слабата посетеност, која беше во претходните месеци.

– Цените за хотелите на брегот на Црно Море се под европскиот просек. Во моментов, хотелиерите во Бугарија нудат аранжмани за да се заврши сезоната без поголеми загуби – вели Полина Карастојанова, извршна директорка на Националниот одбор за туризам на Бугарија, во изјава за „Монитор“.

Поголемиот дел од бугарските хотели ги намалија цените за сместување, затоа што во претходниот летни месеци имаше намалување на бројот на гостите за 30 отсто. Со овие корекции на цените се неутрализираа некои загуби, но прогнозите за крајот на сезоната се дека таа ќе биде завршена со минус од 10 до 15 отсто – објаснува Дијана Колчева, претседателка на хотелска организација.

Претседателот на Регионалната комора за туризам, Иван Иванов, признава дека годинава има помалку туристи од странство за околу 220-250 илјади посетители. Според него, намалувањето на хотелските цени е „фатална грешка“.
– Паниката дека хотелите се празни ги принуди хотелиерите да ги намалат цените. На 15 јули ќе ја намалите цената на пакетот за 15, 20, 25-30 отсто. Грешката се состои во тоа што следуваат преговорите за туристичката сезона во 2020 година. Дали можеме да преговараме со цени од 2019 година и да ја покриеме годишната инфлацијата од три до пет отсто – објаснува Иванов.

Даниела Стоева, претседателка на Здружението на бугарски туроператори, исто така смета дека намалувањето на цените на хотелите во најактивниот месец во сезоната е грешка. Според неа, треба да се истражат причините за падот на туристите.
– Главниот проблем е што немаме јасно дефиниран туристички производ. Нашиот производ е мешан – има локации каде што има семеен вид туризам и места што се препознатливи по забавата. Секој од овие типови туризам има своја клиентела, но мора подобро да се дефинира туристичката понуда на Бугарија – вели Стоева.