Босна и Херцеговина

Населението во околината на Велика Кладуша не живее нормален живот, откако е отворен привремениот мигрантски центар во нивната близина

Безбедносната состојба во делови од Босна и Херцеговина последните неколку денови е значајно влошена поради честите судири меѓу мигрантите, кои се сместени во прифатните центри во Велика Кладуша и во Бихаќ. Неограниченото движење на лица без лични документи, предизвикува паника и страв кај локалното население.

Секојдневните пресметки меѓу ривалските групи не престануваат. Жителите во населените места во Краина се револтирани од однесувањето на безбедносните служби во Босна и Херцеговина, кои не преземаат акции за спречување на насилството меѓу мигрантите. Инцидентот што се случи за рамазанските празници кога група Пакистанци слободно шетаа надвор од прифатниот центар, со метални прачки во рацете, го вклучија црвеното светло. Локалното население почна да се самоорганизира и да одржува ноќни стражи за да го чува имотот на нивните сограѓани.

– Видов група Пакистанци што изгледаа како терористи. Во рацете имаа ножеви и стапови и ногарки од столови. Во кампот имаше само двајца полицајци. Утрото околу 200 Пакистанци тргнаа во потрага на неколкумина Алжирци. Ги бараа низ населбата, влегуваа во дворовите и кога ќе пронајдеа некого од спротивната група го претепуваа. Децата беа во страв и го гледаа насилството од дома – вели Енвер Муњаковиќ, за „Ал џезира“.

Аско Карајиќ, претседател на месната заедница Поље, вели дека населението не живее нормален живот откако е отворен привремениот мигрантски центар во нивната близина. Родителите мораат да ги придружуваат сопствените деца додека чекаат автобус за да одат на училиште. Мигрантите во текот на ноќта шетаат меѓу куќите и тропаат на прозорците. Луѓето не можат да спијат плашејќи се за сопствената безбедност. Во еден инцидент група мигранти нападнаа тројца локално жители, а интервенираше специјалната полиција.

Според Але Шиљдедиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон, полицијата нема овластување да врши селекција на мигрантите внатре во центарот за да ги отстрани проблематичните мигранти. Шефот на делегацијата на Европската Унија во БиХ, Ларс Гунар Вигемарк, ги повика федералните власти да формираат мигрантски центри рамномерно на целата територија на земјата, за да го решат проблемот со пренаселеноста во центарот за мигранти во Велика Кладуша. Тој потсети дека е во подготовка пакет на финансиска помош од 13 милиони евра за решавање на прашањето со мигрантите во БиХ.

Населението во БиХ е незадоволно од однесувањето на федералната власт, која недоволно посветува внимание за решавање на проблемот со бегалците, кои на еден мал дел од територијата спроведуваат насилство.


Се забрануваат лични имиња од измислени ликови

Со новиот закон за лично име, кој наскоро треба да биде усвоен во Република Српска, се предвидени парични казни од 1.000 до 1.500 конвертибилни марки, доколку матичарот го запише името на детето, кое има повеќе од десет години, без негова согласност. Истите казни се предвидени и за посвоеното дете, постаро од десет години, доколку не дало согласност за промена на личното име.

Новиот закон дозволува можност за промена на името, ако лицето го смени полот. Меѓутоа, промена на името и на презимето не е дозволено, доколку за лицето се води кривична постапка, додека е на издржување на казната, за лице што се бара со меѓународна потерница, како и за лице за кое ќе се утврди дека барањето е поднесено поради избегнување на законски утврдена обврска (даночни или други обврски).
Со измените на законот нема да се дозволи запишување на името доколку тоа претставува име на измислени, анимирани или филмски ликови, на монети и псевдоними, ниту ако тоа е потребно заради заштита на правата и слободите на други лица, заштита на правата на јавните и историските личности.

Со законот се регулира и правото промената на личното име да се изврши и за државјаните на Босна и Херцеговина и Федерацијата Босна и Херцеговина, доколку во РС имаат пријавено престој една година пред поднесување на барањето за промена на личното име.