Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ вчера изјави дека САД нема да го преземат водењето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека се обидуваат да пронајдат добитна комбинација за компромис.
Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, претходно порача дека „дојде време да им се стави точка на судирите од 1990-тите“ и ги повика властите во Белград и во Приштина што побрзо да се вратат на дијалогот со посредство на ЕУ, пренесе Фена.
– Ги повикувам Белград и Србија што е можно поскоро да го обноват дијалогот под патронат на ЕУ и да се воздржат од преземање чекори што оневозможуваат постигнување договор – напиша Скот на својот Твитер.
Покрај оваа порака, американскиот амбасадор објави и фуснота на текстот од заедничката изјава со која пет земји-членки на НАТО ги повикаа Србија и Косово да ги деблокираат преговорите за нормализација на односите и да дојдат до обврзувачки документ во интерес на регионалната стабилност.
САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија бараат од Приштина да ги укине царинските такси за стоките од Србија, а од Белград да ја прекине кампањата со која од други земји бараат повлекување на признавањето на независноста на Косово, пренесе Хина.