фото: Пекселс

Босна и Херцеговина

Русија и Кина пред Советот за безбедност на Обединетите нации претставија нацрт-резолуција, со која на меѓународниот висок претставник во Босна и Херцеговина веднаш ќе му се одземе овластувањето да го надгледува спроведувањето на мировниот договор од 1995 година со кој се стави крај на војната, а оваа позиција да се укине во рок од две години. Во кратката нацрт-резолуција, до која дојде „Асошиејтед прес“, се вели дека овластувањата дадени на високиот претставник „повеќе не се потребни со оглед на напредокот постигнат од босанските страни“.
Нацртот го поддржува назначувањето на високиот претставник Кристијан Шмит од Германија „до 31 јули 2022 година, кога се очекува затворање на кабинетот на високиот претставник (ОХР)“. Управниот одбор на амбасадорите на Советот за имплементација на мирот, на 27 мај официјално го назначи Шмит за следен висок претставник. Тој треба да ја преземе функцијата на 1 август по оставката на Валентин Инцко, кој ја извршуваше функцијата 12 години.
Овластувањата на високиот претставник беа критикувани од српските претставници во БиХ, кои се тесно поврзани со Русија. АП наведува дека не е јасно дали Советот за безбедност на Обединетите нации, кој не беше вклучен во Дејтонскиот договор, ќе има моќ да го затвори ОХР. Русија и Кина најверојатно ќе се соочат со противење на Соединетите Американски Држави и членките на Европскиот совет, пренесе Радио Слободна Европа.