Од централата на „Крка“ не ги коментираат конкретните наводи од весникот
„Либертатеа“ за склучување договори за соработка со романските лекари,
со организирање патувања и исплата на хонорари за стручни собири
Најголемата словенечка фармацевтска компанија „Крка“ најави целосна истрага за наводите изнесени во медиумите во Романија дека романската подружница на оваа фирма се впуштила во масовно подмитување на тамошните лекари. Хрватскиот весник „Јутарњи лист“ ги пренесува информациите објавени во „Либертатеа“, кој ја отвори оваа афера во Романија. Наводно, подружницата на „Крка“ потпишувала договори за соработка со романските лекари, со организирање патувања и исплата на хонорари за стручни собири што ги организирала словенечката компанија, а за возврат од докторите барале на своите пациенти да им пропишуваат лекови од нивното производство.
– Во случај да се откријат неправилности во работата на романските колеги, „Крка“ ќе постапи одлучно со преземање на сите правни лекови и во согласност со романскиот закон за да бидат санкционирани сите инволвирани лица – соопштија од седиштето на „Крка“ во Ново Место.
Од централата на „Крка“ не ги коментираат конкретните наводи од весникот „Либертатеа“, кои се поткрепени и со документи со имињата на 87 романски доктори што биле потплатувани за да ја зголемат продажбата на два лека.
Романскиот весник пренесува и неофицијални информации од други фармацевтски компании што дејствуваат во Романија, а во кои постои загриженост дека истрагата против „Крка“ би можела да ги разоткрие и нивните слични практики за освојување на пазарот на лекови. По откривањето на приказната за словенечката компанија, лекарите во здравствените институции во Романија, поради страв за обвинување за корупција, веќе одбиваат да издаваат рецепти за лековите што се произведуваат во „Крка“, пренесува „Јутарњи лист“.
Романските медиуми проценуваат дека централата на „Крка“ одговорноста за наведениот корупциски скандал ќе ја префрли на своите соработници од подружницата во Романија, со објаснување дека сето тоа било правено на своја рака. Но истите извори наведуваат дека на спорните договори за соработка со лекарите стои и потписот на извршната директорка на подружницата во Романија.
По објавувањето на текстовите за сомневање за корупција на романските лекари, од подружницата на „Крка“ во Романија не даваат никакви изјави за медиумите.