Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека претседателот Илир Мета сам си ја одредил судбината со тоа што ги откажал локалните избори и рече дека со тоа Мета го загубил правото да остане на претседателската функција.
– Тој како претседател го загуби правото да остане во таа канцеларија. Сите оние кои го водат движењето против мене ќе заминат еден по еден – порача премиерот.
Рама додаде дека владата не може да ја собори никој освен гласот на народот и нагласи дека шефот на државата извршил политичко самоубиство.
Тој порача дека локалните избори ќе бидат одржани на 30 јуни.
– Ова не е последно лудило, но едно е сигурно. Без разлика што сакаат претседателот и лидерите на опозицијата, изборите ќе се случат на 30 јуни – порача Рама.
Тој рече дека опозицијата сака да ги погреба реформите во правосудството, но заедно со народот ќе се бори за правдата.