Премиерот на Албанија, Еди Рама, во петтото јавно писмо до лидерот на главната опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, соопшти дека го одложува за 1 јуни почетокот на кампањата за локалните избори, а не на 31 мај, за кога опозицијата го закажа следниот протест.
– Преостанатото време до официјалното почнување на кампањата за 1 јуни поминува брзо, а со тоа умира и мојата надеж дека ќе ви се отворат ушите. Како и да е, надежта последна умира и еве каде сум, повторно во потрага по дијалог со вас – напиша Рама.
Но на писмото Баша одговори негативно, велејќи дека нема да направи ниту еден чекор назад. Лидерот на Демократската партија, која ја предводи Обединетата албанска опозиција, Љуљзим Баша, изјави дека неговата коалиција нема да направи ни чекор назад сѐ до победата на битката за Албанија како цела Европа.
– Ние сме народ на Европа, ние сме народ на слободата, ние сме народ на демократијата. Ние сме луѓе кои веруваат во вредности, веруваат во човековото достоинство, веруваат во семејството, веруваат во татковината – напиша Баша.
Постирајќи 42 фотографи од големиот протест на опозицијата, што се одржа викендот, Баша на Фејсбук напиша дека битката за демократија и слобода „е најголема и најблагородна битка на еден слободен човек“.
– Демократија не ја даваме, од нашите права и слободи не се откажуваме. Битката за нив е најголемата и најблагородна мисија на слободниот човек. Битката со злото ги ослободува и облагородува нашето општество и нација. Нашата сила е единство, нашата сила е отпор, нашата сила е соочување сѐ до победа на оваа битка за Албанија како цела Европа. Нема чекор назад – порача Баша преку социјалните мрежи.
Во петтото писмо упатеното до Баша, Рама, меѓу другото, последниот протест на опозицијата го оценува како чекор назад, го повторува предлогот за дијалог без условувања и му порачува „повеќе да не се лаже самиот себеси, зашто времето истекува, а потонувањето на опозицискиот брод само што почнало“.