Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска го достави првиот извештај за прелиминарниот земјотрес што погоди делови од земјата на 26 ноември. Вториот прелиминарен извештај, како што најави Рама, ќе биде објавен на 16 декември, а финалниот во јануари следната година.
Владата соопшти дека од 6.000 згради што биле проверени, околу 2.450 се неупотребливи, 460 треба да се урнат, додека 43 веќе се урнати.
Училиштата почнаа да работат денеска во Драч и Тирана, но повеќе од 10.000 деца мораа да бидат префрлени во други училишта, јавуваат албанските медиуми.
Европската Унија и помага на Албанија да ги процени штетите и потребите за реконструкција, а Европската Комисија веќе испрати 15 милиони евра.
Албанија побара меѓународна финансиска помош за реконструкцијата.
Владата на Албанија издвои 117 милиони американски долари за реконструкција, додека другите седум милијарди се донирани.
Земјотресот од 6,4 степени, усмрти 51 лице, а повредени беа повеќе од 3.000 луѓе. Околу 13.000 луѓе ги загубија своите домови.
На денешниот состанок со Комисијата за реконструкција, Рама рече дека откако ќе биде објавен конечниот извештај за штети, ќе има пат за донации и обнова на уништените домови.
Рама им порача на оние кои намерно ги оштетуваат нивните домови, да не го прават тоа, бидејќи државата нема да може да им помогне.
Тој рече дека целата штета е веќе наведена и дека намерната штета нема да биде земена во предвид.
– Им порачувам на сите да не прават такви работи. Програмата е наменета за оние кои ги загубија своите домови и не можат да влезат во нивниот дом. Во овој момент, морам да бидам многу јасен дека овие штети предизвикани намерно нема да поминат“, рече Рама – објави порталот Балкан Веб.
Инаку, претходно денеска, Рама беше во Драч, кој е еден од најтешко погодените места.
Во неделата, Рама беше во Истанбул, каде се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и турските и арапските бизнисмени од кои очекува помош.
Турските инженери веќе се во Албанија, каде, како што вети претходно Ердоган, ќе градат 500 домови.