Во Белград синоќа се одржа 17-тиот протест „Еден од пет милиони“, што почна на платото пред Филозофскиот факултет, а заврши пред зградата на Владата во Србија. Пред зградата на РТС се одржа перформансот „Дневник на слободна Србија“, а протестот заврши со најава дека граѓаните следната сабота ќе одат од зградата на Владата до телевизија Пинк.
На „големи марш“ до ТВ Пинк граѓаните ги повика актерот и член на Демократската партија (ДС), Бранислав Лечиќ.
Тој истакна дека сопственикот на ТВ Пинк, Жељко Митровиќ го поканил да му биде гостин, за да ја иницира познатата емисија „Впечатокот на неделата“. Лечиќ му испрати одговор: „Јас не гостувам на Пинк, но ќе дојдам со сите вас“.
Лечиќ во име на собраните ги повтори барањата за оставка на државниот врв, разрешување на раководството на РТС и создавање на услови за фер и слободни избори.
– Ние нема да се откажеме – посочи Лечиќ и повтори дека крајниот рок за исполнување на овие услови е 13-ти април.
Организаторите на протестот „Еден од пет милиони“ ги повикаа граѓаните да им се придружат следната сабота и на големиот студентски марш во 16 часот, од Студентскиот град во Нов Белград до Владата.
Беше потпишана и петиција на Воениот синдикат на Србија, во која се бара „поништување на незаконските акти на министерот за одбрана Александар Вулин“.
Меѓу граѓаните на протестот беше лидерот на Движењето, Двери Бошко Обрадовиќ и лидерот на Народна партија Вук Јеремиќ.
Протестите „Еден од пет милини“ во петокот и саботата беа одржани во над 25 градови и општини ширум Србија.
Истовремено, српскиот претседател Александар Вучиќ во рамки на неговата кампања „Иднината на Србија“ од Зрењанин ги повика граѓаните, во што е можно поголем број да дојдат на митингот во Белград на 19-ти април.
Вучиќ наведе дека на тој начин ќе покаже колку Србија е силна, демократска, модерна и пристојна земја.
– Да им покажеме дека ќе ја зачуваме Србија од насилниците, дека со пенкало ќе ја решаваме нашата иднина, а не со пили и бесилки – рече Вучиќ.