Албанија

Албанскиот претседател Илир Мета го одложи одржувањето на локалните избори закажани за 30 јуни. Мета кажа дека политичката ситуација во Албанија нема да дозволи фер избори и искажа голема загриженост за длабоката политичка криза во земјата поради „несогласувањето на ниту една страна“ да се седне на дијалог. Премиерот Еди Рама, кој е на власт од 2013 г., веднаш одговори дека избори на 30 јуни ќе има.

Соопштението на Мета дојде кратко пред протестите во саботата попладне, во кои демонстрантите фрлаа димни бомби и петарди пред парламентот во Тирана, а полицијата ги растера со солзавец. Демонстрантите бараат оставка од Рама, а опозициските групи го обвинуваат за изборни измами и корупција и бараат предвремени избори. Тие бараат и преодна влада и одбија да преговараат со премиерот.

Љуљзим Баша, лидерот на опозиционата Демократска партија, ги повика демонстрантите да протестираат додека Рама не даде оставка.
Многу јавни личности, меѓу кои и претседателот Мета, рекоа дека тековната политичка криза и поделеност ги загрозуваат аспирациите на Албанија за влез во ЕУ.
– Нашата борба ќе продолжи до заминувањето на Еди Рама – рече Баша пред поддржувачите на осмиот едноподруго протестен собир од февруари, кога пратениците од неговата партија ги прекинаа врските со парламентот.

Протестниот марш во саботата се одржа неколку дена откако германски весник објави дел од тајни аудиоснимки, кои откриваат дека познат шверцер на дрога од Драч купувал гласови за Социјалистичката партија на Рама на изборите во 2017 година.
Рама ги отфрли обвинувањата и тврди дека видеото е политичко средство за уцена на Владата.