Тужба до обвинителството, против генералниот секретар за цивилна заштита, префектот на Атика, градоначалникот на општина Маратон, против одговорните за цивилна заштита во периферијата Атика и општина Маратон, против одговорните и надлежните во противпожарната служба и полицијата и кон секој што носи одговорност, поднесоа три семејства на загинати во катастрофалните пожари.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, тужбата ја достави адвокатот кој што е правен застапник на семејствата кои загубија сопруг- татко и мајка. На 70 страници се објаснети аргументите, но и детално е опишано како двете лица ги загубиле животите и што точно се случувало минатиот понеделник.
Седумдесет-годишниот маж, само два дена пред катастрофалниот пожар ја омажил неговата ќерка и целото семејство тие денови било во викендичката во населбата Неос Вуѕас, додека пак 73-годишната, која исто така загина, живеела на долниот кат, во истиот објект.