Грција

Годинава грчките банки ја интензивираа продажбата на недвижностите за да се ослободат од големите трошоци за имотот, кој бил ставен како залог за хипотекарните кредити

Во Грција во тек се подготовките за првата голема аукција на недвижен имот што бил дел од залогот за подигнат кредити во една банка, која не успеала да ги продаде поради малиот интерес на купувачите. На аукцијата предмет на понуда се два пакета со вкупно 950 недвижности, а продажбата ќе биде спроведена во април следната година, објави атинскиот весник „Катимерини“.

Тоа се недвижности за кои претходно тргувале две агенции, а сега се во сопственост на Еуробанка, која ги купила на аукции или ја презела нивната сопственост, бидејќи кредитите не биле редовно исплатувани. Книговодствената вредност на двата пакета се проценува на околу 110 милиони евра.

На едната листа на недвижности се наоѓаат станбени и деловни простории, канцеларии, продавници, складишта, градежно и индустриско земјиште. А во вториот пакет се 258 објекти за комерцијална намена.

Во банката се задоволни од интересирањето за купување на недвижностите, а понуди се доставени од грчки и од странски инвестициски фондови. Претходно јавна аукција за продажба на недвижен имот спроведоа и други две грчки банки.
Еуробанка подготвува и трет пакет со 150 до 200 станбени и индустриски објекти, канцеларии и локали. Овој имот ќе се најде на продажба пред завршувањето на 2019 година.

Грчките банки во втората половина на годинава ја интензивираа продажбата на недвижностите за да се ослободат од големите трошоци за управување на овој имот, но и да ја искористат поволната клима на пазарот, велат познавачите на пазарот на недвижности.

Цените на недвижностите во Грција закрепнуваат од крајот на 2018 година, по враќањето на оптимизмот на инвеститорите и враќањето на поволната деловна клима, а странските компании и фондови бараат нови можности за вложување, забележува „Катимерини“.