Грчкиот премиер Алексис Ципрас тврди дека е подготвен за борба, откако ги најави предвремените избори, но неговите противници не отстапуваат, пишува „Гардијан“.

Четири дена откако ги најави предвремените избори, Ципрас се соочува со тешка борба да се одржи на власт, откако резултатите од европските избори покажаа дека гласачите во дијаспората претежно не се на страната на позицискиот лидер.

Откако претрпе пораз во Грција, партијата СИРИЗА исто така беше генерално отфрлена од страна на Грците во дијаспората. Министерството за внатрешни работи пренесува дека 33,9 отсто од гласачките ливчиња се во корист на Нова демократија, а само 15,3 отсто во корист на Сириза.

Поради тоа, Ципрас беше принуден да ги најави предвремените избори, кои ќе бидат одржани на 7-ми јули, четири месеци пред планираното. Вториот круг од локалните избори овој викенд се очекува да ги комплетира поразителните резултати за СИРИЗА. 

– Кај мнозинството од регионалните власти и сите големи општини победата ќе биде за Нова демократија – изјави Елијас Николкопулос за „Гардијан“.

Грците од дијаспората, во Америка и Австралија, кои истотака учествуваа во европските избори, не ја дадоа нивната поддршка на Ципрас, главно поради Преспанскиот договор, во кој левичарската влада ги призна македонскиот јазик и етничка припадност, нешто што многумина Грци ги разлути. Иако меѓународно поддржан, договорот околу името беше негативно прифатен од конзервативците во Грција.

Се очекува Ципрас в понеделник да со состане со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, и формално да побара распуштање на парламентот во пресрет на предвремените избори.

Ципрас изјави дека е спремен за битката, опишувајќи ја како борба помеѓу прогресивните сили во земјата, кои според него го претставуваат мнозинството, и старата политика што ја доведе Грција до работ на финансиски колапс.

– Гласањето за Нова демократија ќе ја врати нашата земја во темнината на штедењето и темнината на кризата – изјави Ципрас, откако ги најави предвремените избори.

Но, многумина не го делат неговото мислење, бидејќи СИРИЗА досега загуби околу 600.000 гласови, во однос на последните избори кои се одржаа во септември 2015 година. Доколку левичарите бидат поразени овој викенд, како што се очекува, аналитичарите тврдат дека тоа ќе биде погодно за Киријакос Мицотакис, 51-годишниот лидер на Нова демократија.

– Ќе биде многу тешко, практично невозможно за СИРИЗА да победи. Поддршката од малите политички сили кои се на страната на Нова демократија, исто така, ја зголемуваат шансата за победа на конзервативците – вели политичкиот коментатор Панделис Капсис.

Ниту една досегашна влада во Грција не ги избегна исцрпувачките ефекти од економската депресија во земјата. Иако левичарите успеаја да ја извадат земјата од осумгодишната криза и беше забележано намалување на невработеноста од 28 отсто во 2013 година, на 20 отсто годинава, сепак, економското закрепнување на земјата е бавно.

Последниот обид на Ципрас да ја задржи контролата и поддршката, најавувајќи даночни намалувања и пензиски бонуси во висина од една милијарда евра, се чини дека имаше спротивен ефект, бидејќи и пензионерите, уморни од ветувањата, исто така, ја насочија нивната поддршка кон Нова демократија.