Од први јули годинава конечно треба да биде укинат роамингот во земјите од Западен Балкан. Оваа опција била разгледувана на состанокот што се одржал неделава, а тоа го најави и Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка. Во Министерството за телекомуникации на Србија ја потврдија информацијата дека оваа лето граѓаните во регионот ќе разговараат преку мобилните телефони по исти цени што важат и за домашниот сообраќај во сите земји од Балканот. Во наредниот период се очекува потпишување на договорите за намалување на цените за роаминг со Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, објави „Новости“.
– Режимот за „роаминг како за дома“ на Западен Балкан од 1 јули 2021 година значи чекор поблиску до намалување на цените со Европската Унија – изјави Брегу.
На состанокот било наведено дека трошоците за роаминг меѓу Западен Балкан и Европската Унија се големи и не се засновани на пазарни услови. Ова значи дека граѓаните во регионот за истата услуга плаќаат четири пати повеќе од граѓаните на ЕУ.
Западен Балкан без роаминг и намалување на цената за оваа услуга со ЕУ е дел од програмата за заеднички регионален пазар, што беше една од заложбите на водечките политичари од регионот на самитот во Софија во ноември 2020 година.