Жителите на најмалку три мали населби се евакуирани по наредба на грчката противпожарна служба, а со одлука на полицијата затворени се и новиот и стариот автопат Атина -Коринт и во двата правци, поради големиот пожар што сė уште не е ставен под контрола.
Поради неповолните услови за возење и густиот чад, грчката полиција одлучи да го запре сообраќајот на автопатот што ги поврзува Атина и Коринт, во делот што е во близина на огнената стихија, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот изби во шумски дел, но брзо се прошири и кон населбите, а според медиумите во Грција, се упатува апел до жителите на уште најмалку една населба да ги напуштат своите домови.
Според информациите во грчките медиуми, активни се пет или шест жаришта распространети на растојание од шест километри.
Пожарот е во месноста Кинета во западниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина. Станува збор за област во близина на морето и на автопатот.
Како што претходно објави МИА, противпожарната служба на Грција со 70 пожарникари и 30 возила, два хеликоптера и пет авиони се обидува да го стави пожарот под контрола.
Чадот од пожарот, поради ветрот се прошири речиси низ цела Атина, а го покри небото дури и во населбите што се на над 50 километри оддалеченост од пламените јазици.