Северот на Косово, со мнозинско српско население, би добил статус на автономен регион и би бил ентитет во рамките на независната држава Косово во сегашните граници. Приходите од данокот и царината од северот би оделе во општините во северно Косово. Црквите и манастирите би имале екстериторијален статус, а би ги штитела посебна единица на косовската полиција, како културно и историско наследство. Но со планот би имало и гаранции дека ќе биде почитуван посебен статус за Србите и гаранција за членство на Србија во ЕУ, ако ја прифатат понудата. Ова се информациите што беа објавени во медиумите по изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, дадена викендот, а која се однесуваше на тоа дека „на Србија ќе ѝ биде даден предлог што тешко ќе може да се одбие, но не ќе смее да се прифати“. Наедно, на Србија ќе ѝ биде дадена гаранција за влез во Европската Унија, како услов за признавање на независноста на Косово.
Нема официјални потврди за постоење на ваков план, кој е именуван како „Ахтисари плус, плус“. Вишиот соработник на Советот за политичка демократизација од Берлин Бодо Вебер, за порталот „Коссев“, смета дека изјавата на Вучиќ за ставање на Србија пред ултиматум, претставува спин, а Бриселскиот договор за принципите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, потпишан во април 2014 година, на некој начин претставува „Ахтисари плус“.
– Станува збор за стандардно, магливо спинување. Не вреди ништо дополнително да се коментира – изјави Вебер.
Милош Јовановиќ, претседател на ДСС и член на претседателството на движењето „Метла“, изјави дека настапот на српскиот претседател на ТВ Прва, претставува непотребно и штетно драматизирање.
– Референдумот за кој говори Вучиќ е бегство од сопствената претседателска одговорност, не може да содржи прашање, кое не е во согласност со Уставот, а сигурно не е прашањето за признавањето на независноста на Косово. Нема да има ултиматум со закани со војна – изјави Јовановиќ.
Опозицискиот блок Сојузот за Србија ја смета изјавата на Александар Вучиќ за признание за неуспехот на неговата косовска политика.
– Вучиќ никогаш не понудил план за Косово и Метохија, и не може да се вади дека сега ќе добиеме полошо решение. Народот не отфрлил никаков план од Вучиќ, ниту е организирана јавна расправа за тоа – соопштија од СзС.
Планот на финскиот дипломат и специјален пратеник на ОН, Марти Ахтисари, е изнесен во 2007 година, а Приштина, повикувајќи се на него, прогласи независност во февруари 2008 година. Според Ахтисари, Косово би требало да биде мултиетничко, демократско друштво, каде што сите лица се еднакви пред законот и имаат права без никаква дискриминација, на еднаква заштита пред законот.