Досега беа организирани многу самити на меѓународно и на регионално ниво за поголема економска интеграција на Западен Балкан, но сите тие беа во духот „важно е да се учествува“! Ниедна од претходно започнатите иницијативи за поголемо економско поврзување на Балканот не доби и реална завршница. Што ќе донесе денешниот самит?
Шестемина претседатели на земјите од Западен Балкан денеска на видеосамит ќе разговараат за справување со последиците од пандемијата, што се организира од Атлантскиот совет во Вашингтон. Се очекува лидерите да испорачаат заедничка силна порака како го гледаат заздравувањето на регионот по ковид-19 и да се координираат со меѓународната заедница, изјави Џим О’Брајан, специјалниот претставник на Белата куќа за Балканот, во време на администрацијата на Клинтон, еден ден пред одржувањето на виртуелниот самит. Негова основна цел е промоција на идејата за овозможување забрзан проток на добра и услуги во регионот за време на корона-кризата, како и да се создаде план за инвестиции и распределба на фондовите за ковид-19. Вашингтонската видеоконференција на балканските претседатели ќе им послужи да се направи агенда што ќе биде основа за самитот во Софија, чиј домаќин ќе биде германското претседателство со ЕУ, заедно со владите на Македонија и на Бугарија да разговараат за тоа како Берлинскиот процес на промовирање регионална економска интеграција ќе се одвива понатаму. Клучно е што во ноември Европската Унија ќе излезе со предлог за тоа како Берлинскиот процес ќе функционира во наредните четири години. Тоа ќе биде период кога ќе се носат главните одлуки за финансиско закрепнување на регионот, пренесува „Гласот на Америка“.
Ова не е прва ваква иницијатива за унапредување на регионалната економска соработка и за привлекување странски инвестиции на балканскиот регион. Досега беа организирани многу самити на меѓународно и на регионално ниво, но сите тие беа во духот „важно е да се учествува“! Ниедна од претходно започнатите иницијативи за поголемо економско поврзување на Балканот не доби и реална завршница. Затоа, сосема е неизвесен и исходот на виртуелниот самит во Вашингтон, на кој учествуваат политичари од мешан ранг. Како што е објавено на интернет-страницата на Атлантскиот совет, свое учество најавиле српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот на Косово Авдулах Хоти, премиерот на Албанија Еди Рама и претседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија. Македонија ќе биде претставена од претседателот Стево Пендаровски, а Црна Гора ќе ја застапува министерката за економија Драгица Секулиќ.
Последна поголема иницијатива за економско интегрирање на земјите од Западен Балкан беше преземена од Александар Вучиќ, Еди Рама и од македонскиот премиер Зоран Заев, кои во октомври 2019 година во Нови Сад потпишаа и Декларација за намери за воспоставување мал шенген меѓу трите земји. Заедничката декларација предвидува елиминирање на граничните контроли и други бариери за полесно движење во регионот до 2021 година, што на граѓаните ќе им овозможи да патуваат само со лична карта, како и слободно да се вработуваат во која било од трите земји. Исто така, беше предвидено и признавање на дипломите, како и подобра соработка во борбата против организираниот криминал и помош во случај на природни непогоди. Остварувањето на овој документ требаше да го поттикне целиот Балкан да функционира на четирите клучни слободи на Европската Унија – слобода на движење на капиталот, стоките услугите и на луѓето. Иницијативата беше отворена и за Босна и Херцеговина и за Црна Гора и Косово, но досега тие не покажаа поголемо интересирање за да партиципираат во малиот шенген.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС од Љубљана во својата анализа за формирањето на балканскиот шенген смета дека преставува „бенелуксизација“ на регионот, според примерот на трите земји од Бенелукс – Белгија, Холандија и Луксембург, кои во 1944 потпишаа договор за основање царинска унија Бенелукс. Со договорот од 1960 година оваа соработка премина во Бенелушка економска заедница. САД даде силна поддршка за иницијативата за потесна соработка во регионот, која е отворена за сите земји во регионот, а политичките аналитичари сметаат дека вистинскиот иницијатор за балканскиот шенген е Вашингтон, а како главен промотор се појави српскиот претседател Александар Вучиќ, за малку подоцна да му се придружат и премиерите на Албанија и на Македонија.
Самата идеја за поголемо економско интегрирање на земјите од Балканот во основа би имало повеќе предности и ефекти. Тоа би ја зголемило и конкурентноста на националните економии, кои имаат „потрошувачки“ потенцијал од 20 милиони жители. Но од почетокот на годинава, а особено со појавата на пандемијата, малку кој од тројцата политичари, потписници на основачкиот документ за мини шенген, јавно говорат за овој проект. По сѐ изгледа, главната пречка за поголемо економско поврзување на регионот се длабоките политички разлики меѓу државите за меѓусебните отворени прашања. Тоа пред сѐ се однесува на нерасчистените односи меѓу Белград и Приштина, за косовскиот спор. И иницијативата за поблиско економско поврзување на двете земји, со воспоставување авионски и редовен железнички сообраќај меѓу Србија и Косово, што беше поттикната од Ричард Гренел, претставникот на американскиот претседател Донаклд Трамп, не е поместена од почетната точка.
Колку се загрозени економиите на земјите од Западен Балкан од корона-кризата, покажуваат процените на ММФ. Поединечно по земји, Србија во БДП за 2020 ќе има помал раст од три отсто, Албанија, Црна Гора и Косово ќе забележат пад од пет отсто, а проекциите за Македонија се намалување за четири отсто. Според податоците на Советот за регионална соработка, најизложени на кризата ќе бидат малите и средните претпријатија, кои во регионот учествуваат со 99,7 отсто од околу 350.000 претпријатија.