Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека проблемите на Атина со Турција или која било друга земја автоматски стануваат проблем на Европската Унија и ја повика Европа да го „потсети“ турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, дека границите на Грција се непроменливи.
Турција и меѓународно признаената влада во Либија потпишаа договор за водните граници во Средоземно Море минатиот ноември, кој наиде на силно спротивставување од Атина, која смета дека договорот е закана за суверенитетот на Грција. На овој начин Турците сакаат да ги „отсечат“ егејските острови источно од 25-от меридијан во турскиот континентален појас. (МИА)

Приштина – Вкупно 403 граѓани од Косово заминале во воените зони што беа под контрола на терористичката Исламска држава (ИД) во Сирија и во Ирак, во периодот од 2012 до 2018 година, тврди косовскиот Центар за безбедносни студии (КЦБС) во извештајот насловен „Анализа на одговорноста на Косово кон повратниците од воените зони во Сирија и во Ирак“.
Според КЦБС, на Владата на Косово ѝ недостигаат кохерентни политики и има сериозни пропусти во координирањето и вклучувањето на граѓанското општество во процесот на реинтеграција на повратниците. („24 часа“)

Софија – Ви забранувам да се мешате и да ги коментирате конфликтите меѓу другите институции, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов, обраќајќи им се на министрите пред седницата на министерскиот совет. Во Бугарија во моментов има сериозен судир меѓу државното обвинителство и шефот на државата Румен Радев, при што обвинителството вчера ја информира јавноста дека ги прекинува сите контакти со шефот на државата, освен писмената кореспонденција. Радев денеска изјави дека тој и неговото семејство се цел на „навредливи напади“ од државното обвинителство. (БГНЕС)


Бисер балкански

Доктори и крвни зрнца
– Ако Црногорците се вратат во Црна Гора, нема да имаат кој да раководи во Србија. Тие сакаат да се школуваат бесплатно, да се лекуваат бесплатно, а потоа одат долу и кажуваат „Јас сум Црногорец“. А во меѓувреме, Србите доживуваат тортура. Не може веќе така. Тие ги бројат крвните зрнца. Никаде повеќе не постои поголема поддршка за црногорскиот режим отколку во Белград. Кој ги оспорува нивните права? Па, и Ѓукановиќ знае дека во Србија има повеќе црногорски директори отколку во Црна Гора – вели Ивица Дачиќ, српскиот министер за надворешни работи.
Дачиќ изјави дека Црна Гора спроведува антисрпска политика и дека Србија е жртва на големоцрногорска агресија, објаснувајќи дека Србите во Црна Гора не можат да добијат раководни функции.