Загреб – Проширувањето на Европската Унија и отворањето преговори за членство на Македонија беше една од темите на состанокот на хрватската влада и Европската комисија. По состанокот, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, изјави дека за Унијата е многу значајна соработката со Западен Балкан, а со тоа очекува и позитивни придвижувања во насока на отворањето преговори со Македонија и со Албанија.
– Мораме да најдеме начин паралелно да се одвиваат преговорите со Македонија и Албанија и внатрешните реформи во Европската Унија. Набргу ќе биде објавен новиот предлог за методологијата на преговори за членство во ЕУ – изјави Фон дер Лејен. („Јутарњи лист“)
Тирана – Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, изјави дека според влијателната меѓународна кредитна агенција „Фич“ за 2019 година, Албанија „станала уште поризично место за инвестирање“.
– Според меѓународната агенција „Фич“, во 2019 година Албанија стана уште поризично место за инвестирање. Нашите шанси, кои се потребни за привлекување инвестиции, секојдневно се намалуваат. Во меѓувреме, меѓународната заедница е уморна од неуспесите на оваа влада – напиша Баша. (МИА)
Загреб – Словачкиот министер за надворешни работи во заминување Мирослав Лајчак е кандидат за функцијата прв специјален пратеник на ЕУ за Западен Балкан. („Еурактив“)
Бисер балкански
Земи или остави
– Како Претседател на Република Косово, должен сум да преземам дејства без понатамошно одложување, следејќи ги сите чекори што ги дозволува Уставот на Косово, за граѓаните што побрзо да имаат влада. Имајќи ги предвид демократските вредности, транспарентноста и политичката коректност, ви дадов можност и побарав да предложите кандидат/кандидатка за премиер – се вели во писмото на претседателот на Косово, Хашим Тачи, упатено до претседателот на Самоопределување, Албин Курти. Тачи побара од Курти да каже дали го прифаќа или го отфрла мандатот за да може да ги преземе следните чекори што му ги дозволува Уставот на Косово.
Демократскиот сојуз на Косово евентуалното коалицирање со Самоопределување го услови со преземање на местото претседател на косовското собрание, иако на конститутивната седница на 26 декември 2019 г., на оваа функција беше избран Глаук Коњуфца од партијата на Албин Курти.