Приштина – Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово, вчера, се сретна со десетте пратеници на немнозинските заедници во новото косовско собрание.
– Сите пратеници на немнозинските заедници уште еднаш изразија поддршка за владата на Курти – изјави пратеничката Арберие Нагавци.
Според косовските закони, десет места во 120-членото Собрание на Косово се гарантирани за претставниците на српската и уште толку за оние на другите немнозински етнички заедници. (РТК)

Бања Лука – Министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач, на седница на парламентот на ентитетот во Бања Лука предизвика инцидент напаѓајќи го пратеникот на опозицијата Драшко Станивуковиќ, притоа нарекувајќи го и мајмун.
Лукач кажа дека го турнал Станивуковиќ поради тоа што не сакал да му овозможи да го загрози, но и поради тоа што пратеникот на опозицијата цел ден го провоцирал со знаменцата на НАТО. („Индекс“)

Подгорица – Свештеници и монаси на СПЦ во Црна Гора, предводени од митрополитот Амфолохие, вчера протестираа пред Собранието на Црна Гора, против донесување предлог-закон за слобода на вероисповед. Законот предвидува дека верските објекти и земјиштето изградени или стекнати од јавните приходи на државата или во сопственост на државата до 1 декември 1918 година ќе станат државен имот, освен ако не постојат докази за сопственост на верската заедница на оние објекти што денес ги користат или се регистрирани како сопственици. („Блиц“)


Бисер балкански

Ивица или Марица

– Власта на Александар Вучиќ во Србија е многу силна и темелно се подготвува за претстојните избори. Тие во седум часот наутро на денот на изборите ќе имаат милион и половина гласови на почетокот. Во четири попладне ќе почнат да делат гласови на другите изборни листи по малку, за да направат привид на нормални избори. Ивица Дачиќ не му е потребен на Вучиќ, кој е доволен сам на себе. Социјалистите се нужно зло на секоја власт во оваа земја. Од своето основање, само неколку години не биле на власт. Тоа е феномен што не е забележан во светот. Состојбата е толку бесмислена што е сосема неважно дали некој Ивица или некоја Марица ќе биде покрај Вучиќ – Мирослав Милетиќ, автор на емисијата „Од глава“, за наводната караница меѓу социјалистите и напредњаците, за евентуалното предизборно коалицирање.