Загреб – Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека стратегиска цел е до крајот на мандатот на следната влада земјата да ги исполни критериумите и да го усвои еврото како официјална валута, кое ќе овозможи голем број економски бенефиции: трајно ќе се отстрани валутниот ризик во економијата и ќе се намали трошокот на задолжувањето на сите домашни сектори, односно граѓаните и фирмите ќе имаат помалку трошоци на финансирањето. („Вечерњи лист“)
Атина – Затворени училишта, поплавени улици, паднати дрвја, лизгање на земјиштето, во повеќе делови на Грција предизвика невремето „Викторија“, кое од вчера ја зафати земјата, а најпогодени се Крит и островите во Јонско Море. Особено е погоден островот Крф, каде што денес се затворени училиштата. (МИА)
Приштина – Директорот на Центарот за хуманитарно право во Приштина, Беким Бљакај, изјави дека почетокот на работата на Специјалниот суд, и покрај предрасудите за него, може да му помогне на Косово и дека е логично овој суд да го повика и косовскиот претседател Хашим Тачи. (КТВ)