Софија – Полицијата во бугарскиот град Смолјан уапсила 34-годишен маж што управувал автомобил под дејство на наркотици, а при претресот на возилото се пронајдени халуциногени печурки, кои биле скриени под седиштето.
Приштина – Организацијата на ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК) објави дека нејзиниот член, поранешниот припадник на ОВК, Башким Гаши ја одбил поканата да се јави на распит пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, а причината е за „да не создава преседан за другите“ сведоци што се повикуваат пред меѓународниот суд.
Атина – Банкротот на британскиот туристички гигант „Томас Кук“ претставува најтежок удар за Грција од финансиската криза од 2008 година и би можел на туристичкиот сектор да му предизвика загуба и до 500 милиони евра, поради можноста да бидат затворени четири хотели во кои беа вработени вкупно 640 луѓе.
Белград/Загреб – Главниот извршен директор на компанијата „Тесла“, Илон Маск, на социјалните мрежи го најави доаѓањето на неговите електрични автомобили во Србија, Словачка и во Хрватска, кое ќе се случи на почетокот на наредната година.
Приштина – Косовскиот премиер во заминување, Рамуш Харадинај, на својот профил на Фејсбук напиша дека е отстранета таблата во Зубин Поток со натписот „Република Србија, АП Косово и Метохија“ (Газета експрес).
Бисер балкански
Поврзани со Марс
– Денеска го доставив писмото од НАСА до градоначалничката на Језеро во кое се говори дека оваа општина е директно поврзана со Марс. Денеска имавме прекрасен настан со децата и студентите и се надевам дека оваа врска со Марс во иднината ќе придонесе децата и студентите да сфатат колку се важни науката и технологијата, инженерството и математиката во нивното идно образование – Ерик Нелсон, амбасадор на САД во Босна и Херцеговина, за тоа дека еден кратер на Марс го доби името според Језеро, затоа што на сателитската снимка изгледа како оваа општина.