Тирана – На меѓународниот аеродром во Тирана завчера доброволно се вратени 120 албански државјани баратели на азил во Франција, избегнувајќи можни казни што произлегуваат од непочитување на дозволата за престој во шенген-зоната. Според началникот на полицискиот комесаријат на аеродромот, Прпарим Дема, ова е една од најголемите операции за депортирање на доброволна основа. („Локално“)

Приштина – Специјален чартер-авион во најголема тајност слетал на приштинскиот аеродром и довезол 11 косовски граѓани што последните месеци биле заробеници во курдските затвори на северот од Сирија. Меѓу 110-те патници, имало 32 жени, 74 деца и четворица мажи. Сите веднаш биле внесени во автобуси со затемнети прозорци. („Коха диторе“)

Белград – Руската државна нуклеарна корпорација („Росатом“) извести дека со српското министерство за иновации и технолошки развој, во саботата, во текот на посетата на рускиот премиер Дмитриј Медведев, потпишале договор за соработка за изградба на центар за нуклеарна наука, технологија и иновации, кој ќе има повеќенаменски реактор за истражување и ќе биде полн со вода под притисок со сите придружни системи, опрема и лабораторија. (Тасс)

Атина – Додека ЕУ се соочува со последиците од својата трагична одлука да не даде зелено светло на интегративниот пат на Северна Македонија, Грција се чини дека е целосно отсутна од случувањата во нејзиното соседство. Грчкиот премиер молчеше на самитот на Европскиот совет кога се преговараше за иднината на балканите земји, обвини Алексис Ципрас, поранешниот премиер на Грција. („Фактор“)


Бисер балкански

Зависни жени

– Жените се зависни од мажите. Прво од татковците, а потоа од сопрузите. Сите жени што имаат предизвик да излезат од кругот на злоупотребувачи, всушност немаат каде. Тие би требало да отидат од домот, кој можеби и го граделе со свои раце. Тие мораат да го остават фрижидерот, кој е купен на 12 рати, мораат да ги остават струјата и водата и да заминат во непознато. Јас дадов идеја, на пример, кога се купува стан, и ако се стави во сопственост на жена, данокот да биде помал или воопшто да го нема. На жените во Хрватска им е потребно засилување во секој поглед – Јелена Вељача, хрватска актерка и активистка, на гостувањето во емисијата „Недела во 2“, во која говореше за економското и за сексуалното насилство врз жените во Хрватска.