Производството на електрична енергија во Словенија во првите пет месеци од оваа година беше на историски најниско ниво. Словенија повеќе не ги произведува потребните количества електрична енергија, а нејзината цена за домаќинствата и економијата може енормно да се зголеми во наредните месеци, предупреди Александар Мервар, директор на Електростопанство Словенија, ЕЛЕС. Тој додаде дека засега нема индиции дека би можело да има намалување на испораките на електрична енергија, иако Словенија веќе не произведува доволно електрична енергија, туку е сè повеќе зависна од увоз.
Главниот обвинител на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, Серж Брамерц, ја критикуваше Хрватска во Советот за безбедност на Обединетите нации, поради несоработка со други држави. Според него, хрватската влада со политички одлуки ги блокира судските процеси. Брамерц појасни оти Хрватска не им одговорила на Босна и Херцеговина и на Србија во над 80 случаи.
Седум години по почетокот и 20 месеци по завршувањето на еден од најголемите и историски судски процеси во Грција, против Златна зора, вчера почна одново постапка по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен.На почетокот на октомври 2020 година, судот пресуди дека Златна зора е криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, кои веќе ги издржуваат. Во обемниот судски процес беа осудени 50 лица.