Белград – Србија минатата година од извозот на цвеќе заработи 4,2 милиони евра, од тоа половината е остварена со извозот на рози. Србија има големи потенцијали за ова производство поради добрата географска положба и помошта што државата ја дава за земјоделскиот сектор, изјави Александар Богуновиќ, секретар на Здружението за растително производство и прехранбена индустрија во Стопанската комора на Србија. („Танјуг“)
Подгорица – Црна Гора е блиску до целосно затворање, поради тоа што последните неколку дена има голем проблем со почитувањето на мерките против ковид-19 во Црна Гора, предупреди министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ. Како причина за зголемената смртност таа ги гледа новите патогени типови на коронавирусот, односно соеви што се појавиле. (РТЦГ)
Тирана – Експертот од албанското јавно здравство, Ерион Дашо, побара зајакнување на антиковид-мерките и ја обвини Владата дека манипулира со бројката на смртните случаи од ковид-19. Според него, ако е пријавен еден смртен случај, тогаш реално пет лица го загубиле животот од последици од ковид-19. („Ора њуз“)