Сараево – Дејтонскиот договор имаше цел да го заврши судирот во БиХ и тој не е совршен, но какви било промени мораат да бидат реализирани со постигнување консензус, како и преку конструктивен дијалог, изјави амбасадорот на Обединетото Кралство во Сараево, Метју Филд.
– Тие промени треба да ја приближат земјата до европските и до меѓународните стандарди, а не да ја оддалечат – истакна Филд, кој вели дека од Дејтонскиот договор во земјата мирот се одржува цели 25 години. („Независне новине“)
Белград – Премиерката Ана Брнабиќ и членови на српската влада положија венец на местото на кое е извршен атентатот на поранешниот премиер на Србија Зоран Ѓинѓиќ. Вчера се навршија 17 години од убиството на премиерот на Србија и лидер на Демократската партија, кој беше убиен пред седиштето на Владата на Србија на 12 март 2003 година. Ѓинѓиќ беше првиот премиер на Србија по падот на власта на Слободан Милошевиќ во 2000 година. (РТС)
Загреб – Од понеделник на третиот канал на Хрватската радио-телевизија ќе се емитува само образовна програма наменета за учениците.
Програмата ќе се вика „Училиште на третиот канал“, а за воведување ваква програма одлука донесе хрватската влада во соработка со Јавниот радиодифузен сервис. Ваквиот вид програма се воведува за да се спречи неконтролираното ширење на коронавирусот. (МИА)
Подгорица – Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ не ја исклучува можноста за измени на Законот за слобода на вероисповед, со, како што вели, добри аргументи. Тој оцени дека е добро што е продолжен дијалогот меѓу владата и Митрополијата црногорско-приморска, но од примената на Законот за слобода на вероисповед нема да се откаже. („Антена М.“)
Бисер балкански
И власт и опозиција!
Досегашниот претседател на Собранието на Град Крагуевац и локален лидер на СПО Милан Урошевиќ, ќе влезе во најновата политичка историја, со тоа што на претстојните избори во Србија ќе се кандидира на листата на власта и на листата на опозицијата! Урошевиќ во битката за градскиот парламент како опозиционер се наоѓа на второ место за одборник на кандидатската листа на Верољуб Стевановиќ, додека на листата за пратеници во републичкиот парламент е на 130-то место на листата на владејачката СНС.
Урошевиќ е економист по образование, а во 2013 година станува заменик-претседател на градското собрание, а една година подоцна и претседател, пишува српски „Курир“.