Приштина – Потпретседателот на косовската влада од Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Авдулах Хоти, изјави дека Приштина треба да ги тргне пречките од претходната влада за да се обнови дијалогот за постигнување „мировен договор со Србија, со меѓусебно признавање“. Хоти на својот фејсбук-профил порача дека укинувањето на таксите за производи од Србија и од Босна и Херцеговина е неопходно и дека тоа го бараат и пријателите што го поддржуваат Косово во изминатите три децении. („Нетпрес“)
Нови Сад – Шефот на делегацијата на Европската Унија во Србија, Семи Фабрици, информира дека се работи на тоа Србија и земјите од Балканот да бидат дел од големата иницијатива на ЕУ во областа на енергијата и заштитата на животната средина под називот „Зелен план“. Ова е амбициозна програма со која Европа во наредните 30 години ќе стане неутрална територија во емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата. Со ова Европа ќе биде првиот континент, кој во целост ќе ја неутрализира емисијата на штетниот гас – изјави Фабрици, на отворањето на Меѓународниот ден на енергетиката и инвестициите на Новосадскиот саем. (РТВ)
Тирана – Албанската државната полиција информира дека со чартер-лет од Шпанија во Тирана се вратени 26 албански граѓани, поради прекршување на правилата за престој во шенген-зоната. Според полицијата, од почетокот на годинава околу 900 албански државјани се депортирани со чартер-летови, од неколку европски земји, пред сѐ, Франција и Германија. Албанија се смета за безбедна земја, поради што „шансите за добивање азил за албанските граѓани се еднакви на нула“. („Алсат М“)
Бисер балкански
Солидарни против вирусот
– Горд сум што сум првиот министер за надворешни работи што ја посети Кина во овие тешки моменти. Чувствувам големо задоволство, но и големо жалење затоа што во Пекинг доаѓам во време на најголеми предизвици со кои се соочува Кина во најновата историја. Можам да кажам дека Кина е на браникот на одбраната на целиот свет во борбата против овој вирус. Србија е мала земја, но останува со пријателите кога се во неволја, таа е солидарна со Кина и со кинескиот народ – изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија, кој е во посета на Пекинг.