Загреб – Полициската управа и Градска плинара Загреб ги предупредија граѓаните од опасноста при употребата на атмосферските бојлери, поради можноста од истекување на гасот, кој е познат како „тивок убиец“, од кој во последните четири години на подрачјето на главниот град на Хрватска имало 32 случаи на труење, од кои осум се со смртни последици, поради што им се препорачува на 80.000 граѓани да ги заменат со кондензациски бојлери. (ХТВ)
Сараево – Од први октомври е прекинат протокот на гас од Србија преку Република Српска до Сараево, односно до Федерацијата Босна и Херцеговина, а причините за тоа, како што објасни директорот на „Гас промет“, Миломир Драганиќ, се што „БХ-гас“ не го обновил договорот за транспорт на овој енергент за следната година. („Аваз“)
Нови Сад – Муфтиството на војводинската исламска заедница во Србија го осуди последниот случај за ширење верска омраза кон муслиманите, со испишување графит на ѕидовите на детска градинка. Спорната пораката „Од Косово до Иран ќе има мртви муслимани – Ратко Млавиќ“ била пребојадисана од активисти на Лигата на социјалдемократи на Војводина. („Анадолија“)
Приштина – Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, изјави дека секој косовски политичар што би бил избран за нов премиер ќе ги укине даноците на производи од Србија, со исклучок на косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај, за кого рече дека е тврдоглав и кој ако се фокусира на нешто, не го менува ставот. (портал Косев).
Атина – Сите приватни и државни медиуми во Грција вчера стапија во 24=-часовен штрајк, со што се придружија на генералниот штрајк на работниците, кој е организиран од Генералната конференција на вработените. (АНА)
Бисер балкански
Сопственост и (не)правда
– Три генерации не успеаја да го решат овој проблем: дедото, таткото и мојата сестра, за да дојдеме до нашата сопственост. Три генерации поминаа, две држави, старата Југа и мојата Хрватска, за која се борев од срце. За жал, на овој начин морам да се борам за своето. Ова е моја земја и ние со правосилно решение на градот Загреб сме сопственици на оваа земја, но жалосно е што на овој начин мораме да дојдеме до нашиот имот – Младен Маршачаниќ, кој заедно со другите сопственици постави ограда на трамвајската траса што поминува низ земјиштето што им било одземено во поранешна Југославија, без да им се исплати соодветен надомест, а подоцна на нивната земја била изградена трамвајска станица.