Софија – Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, вчера смени четири министри, во рамките на реконструкцијата на Владата, чија цел е да ги спречи протестите против корупцијата, на кои демонстрантите веќе со денови бараат негова оставка. Борисов ги разреши министрите на неколку клучни министерства, како финансии, економија, туризам и надворешни работи. Бугарската влада пред два дена го преживеа гласањето за недоверба што го бараше опозициската социјалистичка партија, а која ја обвинува дека не успеала да ја искорени ендемската корупција. („Капитал“)

Загреб – Хрватскиот парламент изгласа закон за намалување на бројот на министерствата од 20 на 16 министерски ресори. Владејачката коалиција наведува дека со новиот закон, Владата ќе стане пофункционална и пооперативна, додека парламентарната опозиција смета дека оваа реорганизација нема да доведе до заштеда и дека ќе се спојат некомпатибилни оддели. Останува истиот број на централни државни канцеларии. („Јутарњи“)

Атина – Во Грција имало 57 шумски пожари на различни локации, а интервенирале вкупно 749 пожарникари, со 264 возила, 18 пешадиски тима, авиони и хеликоптери, додека помагал и еден хеликоптер од војската, како и цистерни и булдожери од општините, јави дописничката од Атина. Од Противпожарната служба на Грција соопштуваат дека поголемиот број од пожарите брзо биле ставени под контрола, а сѐ уште е активен пожарот во близината на Коринт. („Независен“)


Бисер балкански

Шефица поважна од министер

– Ако премиерот Хоти продолжи вака, јас нема да ја поддржам неговата влада. Официјално му ги соопштив моите забелешки. Немаше причина со себе да ја поведе во Брисел шефицата на својот кабинет на состанок со Александар Вучиќ, кој е веќе искусен преговарач, а да го остави настрана министерот за правда Сељим Сељими. Доколку го присвојуваат дијалогот и сакаат да бидат некој затворен клуб за оваа тема, тогаш треба да ја преземат одговорноста. Тоа не функционира така и ваквите постапки му нанесоа штета на Косово. Хоти нема право да зборува во името на Косово – изјави поранешниот косовски премиер и лидер на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, кој најави распад на владејачката коалиција, поради начинот на кој премиерот Авдулах Хоти го води дијалогот со Србија.