Тирана – Поранешниот албански претседател Бујар Нишани побара ветинг, односно проверка на потеклото на имотот на сите политичари и доколку не може да се оправда потеклото веднаш да им се одземе.
Додаде дека овој закон треба да биде прв важен документ што треба да го изгласа новиот парламент, а доколку тоа не се случи треба да се донесе на референдум.
– Прв закон на новиот парламент треба да биде оној за ветинг за политичарите, истрага и одземање на секоја лажица, виљушка, куќа, автомобил, друг имот на секој политичар, што не може да го оправда со парите што ги добивал сите овие години – смета Нишани. („Сител“)

Софија – Лидерот на бугарската политичка партија Има таков народ, шоумен и ТВ-водител, Слави Трифонов, ќе предводи две листи на изборите за пратеници за парламентарните избори на 11 јули. Ива Митева, која беше претседателка на 45-то Национално собрание на Бугарија, исто така ќе предводи две листи. Аргументот на Трифонов за влез во парламентарната кампања е дека на овој начин тој ќе ги сигнализира приврзаниците на неговата партија да гласаат во поголем број. („Локално“)

Љубљана – Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека Словенија не е во политичка криза и дека евентуалните предвремени избори што ги бара опозицијата ќе ја намалат можноста земјата да се докаже како успешна земја претседавач на Советот на ЕУ.
– Не сме во политичка криза затоа што функционираат сите институции. Поради нестабилното и несигурно владејачко мнозинство во парламентот, станува збор за „состојба на зголемена политичка неизвесност“, а не за политичка криза – изјави Пахор. („Хина“)


Бисер балкански

Сто отсто за напредњаците

Српската напредна партија ги освоила сите мандати на изборите за совети во месните заедници во Мерошини, Врање и Рашка, објави РТС. Во Мерошини изборите се одржаа во 29 месни заедници, а на гласање излегле 64,33 отсто од вкупниот број запишани гласачи. СНС ги освои сите 145 мандати.
Во Врање напредњаците на изборите за Совет на месни заедници ги освоија сите 376 места. Одзивот на гласањето бил 39 отсто. Во Рачка од 19 месни заедници, во 18 СНС ги освои сите 118 мандати. Во една месна заедница гласањето ќе биде поништено и ќе биде повторено.