Софија – Продолжува да се зголемува разликата меѓу двете најголеми партии во Бугарија, владејачката ГЕРБ и опозициската БСП, и во моментов таа е 4,8 отсто во корист на владејачката партија, покажало најновото истражување на истражувачкиот центар ТРЕНД пред парламентарните избори во Бугарија, закажани за 4 април. ГЕРБ има поддршка од 28,9 отсто од оние што изјавија дека ќе гласаат. За Бугарска социјалистичка партија (БСП) ќе гласаат 24,1 отсто од граѓаните. Новата партија на шоуменот и ТВ-водител Слави Трифунов, Има таков народ, ја задржува третата позиција со 12,9 отсто, а по неа следува Движењето за права и слободи (МРФ) со 11,1 отсто. Вонпарламентарната партија Демократска Бугарија е петтиот сигурен учесник на следното Национално собрание со 6,2 отсто од оние што изјавиле дека ќе гласаат. („Капитал“)

Тирана – Албанскиот министер за внатрешни работи Бљеди Чучи изјави вчера дека бил во Либан со намера да врати во Албанија повеќе граѓани на земјата поврзани со други државјани што им се приклучиле на исламските екстремистички групи во Сирија и во Ирак. Министерот не рекол дали ќе може да ги врати Албанците во Албанија, додавајќи само дека неговата посета е „значаен показател за инсистирањето на албанската влада за враќање на албанските граѓани од Сирија“. (АП)


Бисер балкански

Роденденски подарок од половина милион вакцини

Претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, на Србија ќе ѝ испрати дополнителни 500 илјади дози вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Оваа голема пратка е договорена меѓу кинескиот претседател и Александар Вучиќ, претседателот на Србија. Вакцините треба да бидат испорачани на 5 март, кога му е роденден на српскиот претседател, пренесе „Танјуг“.
Пред две недели во Србија пристигна контингент од половина милион вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Во средината на јануари, Кина во Србија ја испорача првата пратка од милион дози. Кина беше и првата држава што, по барање на српскиот претседател, испрати медицински тим епидемиолози за да помогнат во спречувањето на ширењето на коронавирусот, на почетокот на пандемијата во февруари минатата година.