Брисел – Дипломатски извори од Брисел потврдија дека амбасадорите на земјите-членки одлучиле новата ажурирана листа да не вклучува нови земји, ниту земји од Западен Балкан. Тоа значи дека Македонците уште цел месец нема да можат да патуваат во државите од Европската Унија.
Оцената на амбасадорите е дека епидемиолошката состојба во земјите од Западен Балкан е доволно лоша, поради што, само се потврди претходната одлука. („Танјуг“).

Атина – Група од 175 лица, меѓу кои 85 деца бегалци без придружба и 90 семејства со деца, од грчките острови вчера заминаа во Германија каде што ќе се сретнат со семејствата.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, Јоргос Кумуцакос, вели дека денешното заминување на 175-те баратели на азил и нивното соединување со семејствата што живеат во Германија, придонесува за „постепено, континуирано и суштинско намалување на бројот на лицата што престојуваат на островите“. (МИА)

Софија – Во повеќе од десет бугарски града завчера се одржаа најмасовните антивладини протести, кои се одржуваат веќе 21 ден едноподруго. На две крстосници во центарот на Софија целосно е блокиран сообраќајот од страна на демонстрантите, кои поставија шатори на улиците во централното градско подрачје. („Фактор“)


Бисер балкански

Нема ни благодарам

– По изборите се повлеков од Татковинската партија. Не сум политичар што смета на кариера, а и доцна ми е за тоа. Не жалам за тоа. Политичкиот излет или авантура ми користеа, затоа што одблиску запознав некои луѓе и обичаи. Ѝ се враќам на публицистиката. Не беа коректни со мене. Ми ветија дека ќе бидам носител на листа во изборната единица, која е мојата природна средина. Но наеднаш нагрнаа од разни партиички и т.н. независни лица со една идеја „да се освои мандат“. Ме префрлија во друга изборна единица. Неволно прифатив, влегов во водата и морав да пливам. Истото беше и со други основачи на партијата. Од Мирослав Шкоро немаше никаква реакција. Ни „жал ми е“, „ни благодарам“ – рече Јосип Јовиќ, новинар и поранешен главен уредник на „Слободна Далмација“, кој 20 дена по парламентарните избори во Хрватска ја напушта новоформираната Татковинската партија, која е трета политичка партија според освоените мандати.