Подгорица – Црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ изјави дека црногорската тајна служба незаконски следела опозициски политичари, новинари и други лица од јавната сцена, а како налогодавач го посочи поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Дејан Перуничиќ. Абазовиќ, кој е одговорен за безбедносниот сектор, на вонредна прес-конференција изјави дека информациите собрани од тајната служба завршиле на порталот „Удар.ме“, кој беше основан пред парламентарните избори минатата година, а последните информации ги објави на 30 август на денот на изборите. („Вијести“)
Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета оцени дека состојбата со пандемијата на ковид-19 е надвор од контрола и ја повика Владата на премиерот Еди Рама да не си игра со здравјето на луѓето.
– Последните денови загрижувачки се бројките на новозаразени и починати, а се полнат и болниците. Апелирам до Владата да не ги третира граѓаните како бројки за дневна статистика, оставајќи ги на судбината. Секој албански граѓанин заслужува достоинствен третман, апелира Мета. („24 часа“)
Бисер балкански
Најдобар, а не најподобен судија!
– Мојот предлог за претседател на Врховниот суд ќе биде лице со бескомпромисен карактер и целосно морално непоткуплив. Тоа ви го ветувам! Тоа е мал, но важен придонес за враќање на довербата во правосудство. Претседателот на Врховниот суд е одговорен за функционирање на системот и на тоа место да дојде најдобар, а не најподобен – рече Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска, во чија надлежност е да дава согласност за изборот на првиот човек на Врховниот суд во Хрватска.
Јавниот повик за кандидирање за избор на оваа значајна функција е отворен уште една недела, а досега се пријавил само актуелниот претседател на Врховниот суд, Ѓуро Сеса. Меѓу хрватскиот претседател Милановиќ и владејачката партија ХДЗ нема никакви меѓусебни консултации за изборот на нов претседател на Врховниот суд, пишува „Јутарњи лист“.