Панорама / Натпросечно интелигентните се непожелни!

Вашингтон – Соединетите Американски Држави со цело срце ги поддржуваат напорите на Западен Балкан за продлабочување и зајакнување на инклузивната регионална економска интеграција во согласност со правилата и стандардите на Европската Унија, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
– Ги охрабруваме регионалните лидери да бараат можности за намалување на трговските бариери, зголемување на економската конкурентност и изградба на регионално интегрирани и издржливи економии што ќе го обезбедат она што им е потребно на граѓаните – рече тој за иницијативата Отворен Балкан. („Гласот на Америка“)

Приштина – Косово соборува рекорди со бројот на заразени од коронавирусот, а според последниот пресек, има повеќе заразени во еден ден од Србија, Хрватска и Македонија.
За 24 часа имаат рекордни 1.009 случаи, а бројот на активни случаи вчера достигна 4.414. Во Косово досега се дадени 540 илјади дози вакцинации. (Алсат)

Атина – Спасивме илјадници човечки животи и наш прв приоритет беше и е спасување на животите на луѓето и на животните, а најважно е што немавме жртви, порача, меѓу другото, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на вчерашната прес-конференција со грчките новинари и странските дописници за катастрофалните пожари што ја зафатија земјата. (МИА)


Бисер балкански

Натпросечно интелигентните се непожелни!

– За жал, нивото на свест и информираноста на населението се на многу ниско ниво. Во светот, членството во „Менса“ е ценето, а тоа не може да се каже и за БиХ. Поради состојбата во општеството и власта, поединците со висока интелигенција се препуштени сами на себе, односно со своите способности да се изборат за своето место во општеството. Моментално приватниот сектор е единствена можност за нив. Сериозната инклузија на оваа група луѓе би била од сеопшта корист на долги патеки за системот – вели Драгана Чолаковиќ, раководителка на тимот за односи со јавноста во „Менса“ во БиХ, за тоа како на лицата со натпросечна интелегенција се гледа во институциите и општеството, во кои, како што вели таа за „Ал џезира“, на лицата со висок коефициент на интелигенција се гледа со „голема доза недоверба и потсмешливост“.
Членството во „Менса“ во БиХ изнесува 219 регистрирани членови, а пред епидемијата на коронавирусот овој број беше над 250. Членството се обновува секоја година.