Белград – Претседателите на Русија и на Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ, во вчерашниот телефонски разговор се фокусираа на решавање на косовското прашање, соопшти официјален Кремљ.
– Особено внимание беше посветено на Косово, Вучиќ информира за преговорите во Вашингтон на 7 септември, а Путин ја потврди непроменетата позиција на Русија во подготовка на избалансирано и компромисно решение што е прифатливо за Белград, а кое треба да биде утврдено и во Советот за безбедност на Обединетите нации – се наведува во соопштението на Кремљ. (РТС)

Софија – Доколку денеска се одржат избори во Бугарија, пет партии ќе влезат во идниот парламент, а ГЕРБ ќе има поддршка од 23,8 отсто од гласачите, додека опозициската БСП 23,4 отсто, покажуваат резултатите од последната анкета на „Тренд“.
Анкетата во септември не покажа сериозна динамика во изборните ставови меѓу гласачите во споредба со анкетата во август. Поддршката за протестите исто така останува непроменета (62 отсто ги поддржуваат, а 30 отсто не ги поддржуваат). („Опсервер“)

Атина – Европската Унија мора да воведе „значителни санкции“ против Турција ако Анкара не ја повлече својата инфраструктура од спорниот дел во источниот дел на Средоземно Море, порача грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Грција и Турција се во спор за поморските граници и енергетските извори во таа област. (МИА)


Бисер балкански

Лубеница-перформанс

– Да им се заблагодарам на новопечените експерти за земјоделство за испораката на овие лубеници пред Владата. Министеру Божиновиќ, ве молам, во полицијата да се направи план за обезбедување на просторот пред Владата, затоа што ова можеше да биде и нешто друго покрај лубениците. Што се однесува до демократијата и безбедноста, ќе се однесуваме како и сите други земји – е коментарот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, на вчерашниот перформанс на европратеникот од Хрватска Иван Вилибор Синчиќ, кој на централниот градски плоштад во Загреб истури камион со лубеници, за да ја искаже нерамноправната положба на хрватските и на другите европски земјоделци.