Белград – Во Србија вчера се одржаа парламентарни, покраински и локални избори. Право на глас имаат 6,5 милиони граѓани, кои ќе избираат пратеници во Собранието, каде што има 350 места. Поради коронавирусот, Републичката изборна комисија (РИК), најави дека за денешниот ден на избирачките одбори ќе им обезбеди маски и ракавици, додека гласачите немаат обврска да носат заштитна опрема кога одат на гласање. Фаворит на изборите е Српската напредна странка на претседателот Александар Вучиќ, но поголемиот дел од опозицијата собрана околу коалицијата Сојуз за Србија се реши на бојкот бидејќи сметаат дека нема услови за фер и демократски избори. (РТС)

Тирана – Во текот на минатата година околу 44.000 албански граѓани ја напуштиле земјата, што е највисоко ниво на емиграција од 2014 година, потврдуваат статистичките податоци, објавени од албанскиот Институт за статистика, ИНСТАТ.
Од 2016 година, се забележува зголемување на тенденцијата „да се побегне“ од земјата, кога се враќа вториот бран на емиграција во земјата, иако е на пониско ниво во однос на 1990-2000 година. („Опсервер“)

Љубљана – Словенечката гранична полиција на преминот Грушковје-Мацељ откри 22 мигранти скриени во цистерни на товарни возила со српски ознаки, на кои им се закануваше смрт со задушување поради недостиг од кислород. („Телеграф“)


Кастинг за „Јованка“

Продукциската куќа од Хрватска се подготвува за снимање серија за Јованка Броз, сопругата на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито. Серијата „Јованка“ ќе се снима во копродукција со повеќе земји, а се предвидува сцени од оваа историска драма да се снимаат во Хрватска и во Србија, но и во Русија и во Египет. Кои актери ќе ги глумат Јованка и Tито ќе се знае по пробните снимања, а актерите за овие ликови ќе се бараат во Словенија, Хрватска и во Србија.

Првата верзија на сценариото е напишано, а за конечниот текст ќе биде ангажиран и еден англиски писател специјализиран за историски драми за познати личности. Кастинзи за другите улоги од серијата ќе се прават во сите држави што ја формирале Југославија. Снимањето треба да започне во септември, а предвидени се две сезони од по шест епизоди, објави „Вечерњи лист“.