Љубљана – Словенечката државна телевизија објави документи, преписки и снимени телефонски разговори во кои се слуша гласот на министерот за економија Здравко Почивалшек, како договара која фирма и како треба да го добие тендерот за набавка на заштитна и медицинска опрема. Во прилогот на Телевизија Словенија, која презентира докази, се тврди дека набавката на опремата била без тендер односно со непосредна спогодба. Според овие информации, и покрај тоа што опремата била сто отсто платена, државата не добила ни половина од нарачката. (МИА)

Сараево – Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик изјави дека Србите се подготвени да прифатат зачувување на заедничката држава, но дека мора да им се даде многу поголема автономија.
– Ние сме подготвени да го прифатиме обемот што го сакаат Бошњаците, да ја зачуваме Босна и Херцеговина како држава на сегашната територија, но исто така, мора да имаме далеку поголема автономија отколку што имаме денес – рече Додик. (РСЕ)

Софија – Повеќе од 60 отсто од бугарските хотелиери имаат намера да ги намалат цените на летните пакети за одмор, покажа истражувањето на Националниот институт за статистика на Бугарија. Околу 50 отсто од испитаниците планираат на своите клиенти да им понудат алтернативен период за користење на веќе направените резервации. Во исто време, 62,5 отсто од нив имаат намера да ја намалат цената на пакетот за летување, а половината хотелиерите би го направиле тоа за цената на едно ноќевање. („Република“)


Бисер балкански

„Данајски“ антитестови за корона!

Не треба да се политизира гестот од Белград, кој донира 1.000 теста, бидејќи да ги одбиевме, ќе бевме обвинети за нерационално однесување и дека не сме ги тестирале Србите. Ако ја подобрила сликата за себе, Србија тоа го регулира со договор што беше прифатен од нашите лидери. Докажавме дека не дискриминираме ни општини ни потекло. Ние не дискриминираме никого.

Да не прифатевме, Србија ќе нѐ обвинеше дека не ги тестираме (српските граѓани). Значи, ова би можело да биде замка во која не би требало да влеземе – изјави Албин Курти, косовски премиер во оставка.

Шефот на пратеничката група Алијанса за иднината на Косово, Даут Харадинај, деновиве ја критикуваше владата на Албин Курти, поради тоа што прифатила 1.000 теста за ковид-19 од Србија, со објаснување дека тој не би ја прифатил оваа помош дури и кога би „оживеале неговите браќа“!