Фото: Маја Јаневска-Илиева

Загреб – Едно од десет деца покажува симптоми на анксиозност и депресија, а едно од седум деца има посттрауматско стресно нарушување предизвикано од земјотресите, покажува најновото истражување спроведено во Загреб.
Градската институција „Поликлиника за заштита на деца и млади“ на примерок од 22 илјади деца спроведе истражување за менталното здравје на децата и младите во градот Загреб, една година по првиот земјотрес и еден месец по вториот земјотрес. Ова истражување им овозможи на родителите на деца со одредени проблеми да добијат совети и упатства за тоа како и што понатаму, и кому да му се обратат. (ХРТ)

Љубљана – Полицијата на Словенија употреби солзавец и водни топови против протестантите, кои почнаа да фрлаат факли кон зградата на парламентот. Демонстрантите истакнаа две барања: промена на мерките за сузбивање на коронавирусот во препораките и распишување вонредни избори. Протестот станал насилен кога одредени луѓе почнале да палат факли, а полицијата за возврат реагирала со водни топови и димни бомби.
Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, на социјалната мрежа Твитер напиша дека Владата немало да попушти пред секој притисок и ќе се насочуваат кон спроведување на мерките за јавното здравје. („Индекс“)

Белград – Директорот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Србија, Маријан Ивануша, изјави дека Србија е водечка земја по бројот на заразени со коронавирусот и апелираше до сите да ги почитуваат мерките и да се вакцинираат.
– Има голем број луѓе што се подложни на вирусот и се заразуваат. Секој бран е за себе, луѓето забораваат на мерките… Србија е водечка земја кога станува збор за бројот на заразени луѓе – изјави Ивануша. („ТВ Прва“)


Бисер балкански

Градоначалник го укина носењето маски, но…

Средношколските и основните училишта во Сињ не ги почитуваа препораките на градоначалникот Миро Буљ, со кои се предлага да се укине носењето маски за учениците, учителите и наставниците.
Раководителите на училиштата не ја почитуваат одлуката на Цивилната заштита за Град Сињ за укинување на обврската за носење маски во училиштата.
– Директорите на училиштата меѓусебно се консултираа и се договорија да се носат маските за време на наставата. Околу 300 ученици и 25 наставници во гимназијата ќе продолжат да носат заштитни маски, а така е и во другите училишта – изјави директорот Томислав Билиќ.
Градоначалникот на овој хрватски град беше критикуван во медиумите за непочитување на мерките за задолжителна дистанца и за носење маски за време на традиционалната манифестација „Сињска алка“.