Некои од опозициските партии во Србија почнаа со кампањата за бојкот на парламентарните избори, која треба да биде продолжување на борбата за нормализација на земјата и за создавање услови за слободно и чесно изјаснување на граѓаните. Демократската партија донесе одлука за неучествување на парламентарните избори што ќе ги спроведе власта на Александар Вучиќ
– Оперативните тимови од опозицијата и граѓаните, кои протестираат неколку месеци, ќе подготват и конкретни акции. Охрабрува тоа што на последните протести викендот имаше поголем број граѓани – вели Зоран Лутовац, претседател на Демократската партија.

На прашањето дали со бојкотот може да се оспори легитимитетот на изборите ако на нив учествуваат други партии од опозицијата, претседателот на ДП наведе дека нивниот легитимитет е веќе разнишан, затоа што најголемиот дел од релевантната опозиција ги одби условите под кои српскиот претседател Вучиќ се обидува да организира и да спроведе уште едни лажни избори.

– Не може да има избори ако нема слободно формирање на изборната волја, а тоа го нема зашто нема слободни медиуми преку кои граѓаните можат да се информираат.

Уставот на Србија се крши на флагрантен начин, затоа што граѓаните не можат да го остварат своето право на информираност. Самиот изборен процес се одвива во целосно нерегуларни услови затоа што граѓаните се под притисоци и уцени и им се оневозможува правото на тајност на гласањето. Згора, изборната администрација не ги спречува таквите пропусти. Учествувањето на такви избори е давање легитимитет на беззаконието и автократијата на Александар Вучиќ – вели Лутовац.

Претседателот на Движењето на слободни граѓани, Сергеј Трифуновиќ, ќе прогласи бојкот на изборите на 19 септември, доколку не дојде до потпишување на обврзувачката спогодба за изборните услови со актуелната власт.

– Не сум човек што се откажува пред борба. Во еден момент бојкотот може да стане и цел, а не средство. Ќе се одлучиме за бојкот кога ќе бидат исцрпени сите средства – изјави Сергеј Трифуновиќ, претседател на ДСГ.

Претседателот на Народната партија, Вук Јеремиќ, изјави дека успехот на бојкотот на изборите нема да се мери со одзивот на гласачите.
– Успехот на бојкотот ќе се мери со изминатото време што ќе помине од тие избори до падот на Александар Вучиќ. Нашиот бојкот е и бојкот на овој поредок и систем – вели Јеремиќ, чија партија прва одлучи да не учествува на избори доколку не ѝ бидат исполнети барањата на опозицијата.


Студентите го окупираа ректоратот

Вработените во ректоратот на Универзитетот во Белград вчераутро не можеа да одат на работните места, бидејќи студентите што учествуваат во протестите „1 од 5 милиони“ му ги одзеле клучевите на портирот и се заклучиле во зградата.
Ректорката Иванка Поповиќ изјави дека студентите ја искористиле шансата кога портирот ја отворил вратата за да влезе хигиеничарката.
– Со ова се загрозува правото на работа на 70 вработени, но и на нормалното функционирање на Универзитетот во Белград, на кој има повеќе од 100 илјади студенти и над пет илјади професори – се вели во соопштението на ректорскиот колегиум.
Од универзитетот посочуваат дека тие се подготвени да разговараат со студентите за сите прашања што се поврзани со високото образование.