Судбината на Народниот театар на Албанија останува несигурна откако демонстрантите ја зазедоа институцијата и продолжуваат со протестот.
Тие водат битка со владата која додели дозвола за рушење на зградата од 1939 година и изградба нова, заедно со блокови станбени згради, кои ќе бидат во сопственост на приватни инвеститори.
Директорот на театарот, Кастриот Чипи, го искажа своето незадоволство од процесот.
– Немаше јавни консултации, никој не сака да знае што мислат уметниците и граѓаните. И така, ова стана борба да се заштити и зачува демократијата во оваа земја и да се каже стоп на сојузот на бизниси и корумпирани политичари – истакна Чипи.
Демонстрантите ја почнаа својата „окупација“ минатиот месец, по што властите дојдоа за да почнат со нивно отстранување – што резултираше со помали немири.
Актери волонтери организираат околу три претстави неделно за да соберат средства за кампањата.
Демонстрантите велат дека не станува збор само за заштита на физичката зграда, туку и за заштита на нејзината историја. Тие, исто така, велат дека дополнителното јавно земјиште што ќе ѝ се даде на приватната градежна компанија за изградба на станбени згради е одземање на правата на луѓето во Тирана.
Тауланда Јупи, предавач на Универзитетот во Тирана, е убедена дека ја прават вистинска работа.
– Ние реагираме на нивното насилство со нашата уметност и ова е најважната порака што театарот може да ѝ ја пренесе на политиката – рече Јупи.
Властите велат дека во театарот е премног топло во лето, а премногу ладно во зима, а потребата за нов театар е поддржана и од многу членови на уметничката фела во Албанија.