Голема количина пиштоли е украдена од касарна на вооружените сили на Босна и Херцеговина, а случајот во моментот го истражуваат воената и цивилната полиција, потврди Министерството за одбрана на БиХ.
Во соопштението од Министерството се вели дека за време на редовните контроли извршени вчера било утврдено дека е оштетен печат на вратата на еден од магацините во кругот на касарната во Пазариќ кај Сараево.
Веднаш била повикана воената полиција, а по тоа се вклучила и Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), чии членови се обидуваат да утврдат кој и како влегол во магацинот.
Во соопштението не се наведува што точно е украдено, но локалните медиуми наведуваат дека се работи за најмалку 25 пиштоли спакувани во кутии.
Од СИПА потврдиле дека тие се вклучени во истрагата, но не сакале да откријат никакви детали.
Медиумите потсетуваат дека ова не е прв случај на кражба на оружје од објект на вооружените сили на БиХ.
Слична кражба се случила во Билеќа во источна Херцеговина во 2017 година кога од касарна биле украдени 14 пиштоли со рамки за муниција. Овој случај не е расчистен до денес.