Албанското министерство за одбрана на својата веб-страница ги објави имињата на 46 лица кои загинаа во катастрофалниот земјотрес што ја погоди Албанија во вторникот наутро.
        
Во соопштението се вели дека списокот е потврден од албанската полиција.

Медиумите објавија дека престана потрагата по евентуално затрупани лица во населбата Туман, која беше најпогодена од земјотресот со јачина од 6,4 степени.
        
Потрагата продолжува во Драч, каде 33-годишно лице беше извлечено живо од под урнатините на еден хотел, додека трае потрагата по уште едно лице кое се наоѓа исто така под урнатините на хотелот.
        
Состојбата на лицата кои што останаа без своите домови е влошена поради обилните дождови коишто ја зафатија Албанија.

Четири дена по катастрофалниот земјотрес, албанското тло сѐ уште не мирува. Нов земјотрес со јачина од 3,8 степени ја погоди синоќа Албанија, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар. Епицентарот на земјотресот, што се случил во 21:37 часот, бил на 28 километри северозападно од Тирана на длабочина од околу 10 километри.

Неколку минути подоцна уште еден земјотрес со јачина од 3,3 степени ја погодил земјата, а неговиот епицентар бил на длабочина од 21 километар, на 15 километри северозападно од Тирана. Истото подрачје во попладневните часови го погоди земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтер.

Во силниот земјотрес што ја погоди Албанија на 26 ноември, загинаа 46 лица, а повредени се повеќе од 2.000 лица.