Договорот меѓу Белград и Приштина, кој се очекува да биде потпишан во Белата куќа за неколку часа, сè уште не е објавен, но некои делови излегоа во јавноста, пренесе „Танјуг“.
Како што објави „Б92“ тие стигнале до јавноста благодарение на несогласувањата меѓу лидерите на Косово.
Поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, попладнево му порача на сегашниот премиер, Авдулах Хоти, дека ќе ја напушти владејачката коалиција доколку Хоти потпише договор со кој, како што изјави Харадинај, на Србија ѝ се препушта да управува со езерото Газивода, односно со дел од територијата и ресурсите на Косово.
Газивода е значаен енергетски ресурс, а Харадинај смета дека тој не смее да биде во рацете на Србија, бидејќи, како што наведува, Газивода е само 2,7 километри во Србија, а 9,2 километри на територијата на Косово, поточно на северот на Косово.
Договорот, исто така, предвидува и реализација на проектот „мини-Шенген“, на кој се спротивстави Приштина, и покрај притисокот на албанскиот премиер Еди Рама да се приклучи на иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Документот предвидува и мораториум на членството на Косово во меѓународните организации за една година, што, исто така, се дозна благодарение на незадоволството на Харадинај.
Документот содржи и проекти во вредност од 13 милијарди долари, како што објави приштинската телевизија Клан Косова. Станува збор за финансиски средства предвидени за инвестиции во инфраструктура и заеднички регионални проекти кои ќе влијаат на развојот на Косово и Србија.
Телевизијата Клан Косова известува, неофицијално, дека договорите нема да бидат потпишани меѓу делегациите на Белград и Приштина, туку секоја страна ќе го потпише документот со американскиот претседател Доналд Трамп.
Телевизијата објави дека најверојатно нема да има потреба тие документи да бидат ратификувани во парламентите на двете држави.