Информациите дека постои можност депонијата за нуклеарен отпад од Хрватска и од Словенија да биде во непосредната близина на границата ја вознемирија јавноста и во БиХ
Поранешниот воен објект Черкезовац во Хрватска, кој е оддалечен 800 метри од границата со Босна и Херцеговина, наскоро би можело да стане депонија за нуклеарен отпад. Хрватска со години се обидува да пронајде решение за складирање низок и среден радиоактивен отпад од нуклеарната централа „Кршко“, а до 2043 година мора да го реши и проблемот со високорадиоактивниот отпад, пишува „Дојче веле“.
Овој проблем е актуелен 15 години и владите на Хрватска и на Словенија повеќепати се обидувале да пронајдат соодветна локација за складирање на нуклеарниот отпад. Една од нив беше местото Врбник во Словенија, што беше одбиено од хрватската страна со образложение дека локацијата е преблиску до реката Сава, од каде што со вода се снабдува и Загреб. Хрватска разгледуваше други шест локации меѓу кои е и поранешниот воен објект Черкезовац во општината Двор на Уна. Засега, опасниот отпад се складира на просторот на институтот „Руѓер Бошковиќ“, кој е во центарот на Загреб.
– По раните политички кампањи отпаднаа повеќе локации и на крајот остана само оваа. Таа не се одвојува како квалитетна локација, според некои природни карактеристики, туку поради тоа што овој регион има мало политичко влијание во Загреб. Тоа е регионот на јужна Бановина со границата кон БиХ – вели Тони Видан, од загрепското здружение „Зелена акција“ во разговор за „Дојче веле“.
Информациите дека постои можност депонијата за нуклеарен отпад да биде во непосредната близина на границата ја вознемири јавноста и во БиХ. Од државното претседателство на 22 март годинава побараа од највисоките органи на Хрватска локацијата на Трговска Гора, во општината Двор да не се земе предвид како место што е предвидено за складирање радиоактивен и нуклеарен отпад, а идната локација да биде што подалеку од границата со БиХ.
– Нуклеарниот отпад е причина повеќе за напуштањето на земјата. Не сакам да основам семејство на место, кое порано или подоцна ќе им ги загрози животите на сите што се во неговата близина. Сличен став имаат и повеќето жители, а особено помладите. Во прв план ќе бидат загрозени земјоделците – смета Марио Црнковиќ од движењето „Грин тим центар“.
Саша Магазиновиќ, претседател на „Зелениот клуб“ во парламентот на БиХ, предупредува дека две третини од можниот негативен ефект од депонијата за нуклеарен отпад на подрачјето на општината Двор ќе се однесуваат на БиХ, а една третина на Хрватска. Поради тоа, тој повикува на разумно решение за проблемот, кое би било на задоволство на двете страни.
– Целата приказна, односно кампањата против локацијата Черкезовац не е никаква антихрватска хистерија. Хрватска е наш сосед, за една, десет или 100 години. Сакаме да развиваме дијалог и во духот на добрососедските односи да го решаваме овој проблем – вели Магазиновиќ за „Дојче веле“.