Србија

Министерството за внатрешни работи на Србија подготвува нови мерки за заштита на жртвите на семејно насилство преку воведување систем, кој подразбира носење алки за насилниците, за да може полицијата поефикасно да реагира во случај да не се почитува мерката за забрана на пристап до жртвата.

Државната секретарка во Министерството за полиција, Биљана Поповиќ Ивковиќ, апелира до другите граѓани да не молчат пред овој проблем и ги повика да учествуваат со намера на најдобар начин за да се спречи насилството.

– Алките ќе бидат поврзани со полициските управи, за да можат да се заштитат жртвите, пред сѐ жените, кои се најранлив дел на нашето општество. Борбата против насилството мора да биде системска и да се заснова на добра превенција, а жртвите навремено да сигнализираат дека се во опасност – изјави таа во изјава за Танјуг.

По усвојувањето на Законот за спречување семејно насилство полицијата доби нови овластувања. Од 2017 година полицијата изрече околу 55.000 итни мерки, како привремено оддалечување на насилникот од домот и забрана за контакт со жртвата.